Економија 17. јануари 2020. / 14:15

Калеска: Извршителите отсега наместо 1/3 ќе може да блокираат 1/5 од плата

Калеска: Извршителите отсега наместо 1/3 ќе може да блокираат 1/5 од плата

Наместо досегашните 1/3 од примањата, отсега износот кој може да биде извршен се намалува на 1/5 од плата или пензија за лицата приматели на просечна плата и пензија, надомест на трошоци за сместување на лице и надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија.

На вчерашната собраниска седница парламентарното мнозинство ги изгласа измените на Законот за извршување кои се особено во интерес на загрозените категории на граѓани.

Предлог е на Владата, предводена од СДСМ од каде денеска преку прес конференција соопштија дека со ваквата одлука партијата продолжува со реализацијата на, како што велат, одговорните политики кои обезбедуваат подобар животен стандард за граѓаните.

Трошоците кои ги плаќаат граѓаните мора да бидат намалени и разумни, а не енормни, само така ќе изградиме фер и праведно општество. СДСМ како одговорна партија спроведува политики кои обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните, зголемување на семејните буџети и подобар животен стандард за сите, изјави пратеничката од СДСМ Снежана Калеска – Ванчева.

Од новиот Закон за извршување целосно се изземаат од присилното извршување граѓаните кои се корисници на гарантирана минимална помош од социјалната заштита, примањата на децата, како и примањата за социјална сигурност на старите лица.

Примената  на законските одредби се однесува и за веќе започнатите извршувања.