Економија 05. април 2018. / 11:05

Како стојат цените за Велигден

Како стојат цените за Велигден

Анализите покажуваат дека за да се наполни велигденската трпеза некои семејства трошат и по 3.500 денари, но има и такви на кои малите плати и пензии не и дозволуваат многу да се опуштат.

Со оглед на тоа дека годинава овој празник е во првата половина од месец април, треба да се има предвид дека со платата треба да се платат сметките и да се помине месецот.

Од друга страна, пак, бидејќи се спојуваат неколку дена голем дел од македонските семејства практикуваат велигденските празници да ги поминат надвор од државата.

Оние кои решиле да останат тука во зависност од можностите ќе си подготват велигденската ручек и ќе си направат гезме.

Годинава цените не се значително променети во однос на минатата година. Продавачите на зелените пазари велат дека и покрај истите цени продажбата е намалена, бидејќи е падната куповната моќ на граѓаните. И граѓаните веќе не се толку опуштени за празници и сметаат дека не е само еден ден и оти и во другите денови во месецот треба да се направи ручек и да се јаде месо.

На зелените пазари табла јајца, во зависност од класата, се продава од 160 денари до 210 денари. Цената на килограм јагнешко е иста како и лани и изнесува 320 денари за килограм.

-Продажбата не оди, еве гледате нема народот пари, цените се исти како лани дури и поевтини, ама народот нема пари, килограм јагнешко оди 320 денари, а свинското е и поевтино и се движи од 250 до 300 денари, изјави еден продавач во месарница.

И покрај очекувањата цената на јајцата да скокне за два денари, тоа по се изгледа нема да се случи, бидејќи и на неколку дена пред празникот тие се продаваат по стара цена.

Цената на јајцата не е покачена пред Велигден и е иста како пред неколку месеци, а продажбата како и на се останато е намалена, велат продавачите на јајца.

Граѓаните со различни мислења, за некои е скапо, за некои не во зависност од можностите.