Половина милијарда е вредноста на извозот остварен во првите три месеци од годинава на компаниите што во моментов работат во слободните економски зони. Најголем извезувач е британската компанија „Џонсон Мети“ во ТИРЗ Скопје 1 (Бунарџик).
– Позитивниот тренд на извоз од ТИРЗ зоните продолжува. Странските директни инвестиции целосно ја променија структурата на македонскиот извоз. Размената стана поизбалансирана, земјава кон странство испорачува производи со повисока додадена вредност. Извозот во првите три месеци од годинава е зголемен за 13 проценти споредено со истиот период од минатата 2017 година. Извозот за првите три месеци надмина 552 милиони евра што значи дека разликата меѓу извозот и увозот е над 62 милиони евра за првите три месеци од годинава, велат од Дирекцијата на ТИРЗ.
Оттаму оценуваат дека постојните странски инвестиции во зоните, кои најмногу извезуваат во европските држави, целосно ја сменија структурата на надворешната трговија на Македонија.