Македонската радио-телевизија во изминатата година потрошила над 6 милиони евра, ова е наведено во извештајот на МРТ, кој се најде пред пратениците за годишната работа, во кој се истакнува дека за оваа сума успешно е спроведена програмата до гледачите
МРТ без сериозна анализа, со голи бројки и набројувања во годишниот извештај за 2017 година, се пофали дека е јавен радиодифузен сервис кој успешно ја реализирал задачата. Извештајот за тоа колку е потрошено, што и како се работело, е испратен до Собранието, каде што пратениците треба да го усвојат.
Освен набројување, во извештајот нема ниту збор за тоа колку МРТ навистина ги исполнува задачите на јавен сервис, чија задача е да образува, информира и забавува, како и тоа дека е јавен сервис за сите граѓани, без разлика на политичката припадност.
Бројот на вработени луѓе во јавниот сервис изнесува 845 лица, од кои сè уште повеќето се со средна стручна спрема. За тоа колку надворешни соработници има во МРТ кои реализираат копродукциски емисии, во извештајот нема информација.
Освен бројки, во извештајот нема ниту оценка колку професионално МРТ ги покриваше локалните избори. За да се прифати годишен извештај за работата на една институција, таа треба да си ја извршила задачата за што е формирана и за што се финансирана од парите на граѓаните.
Доколку извештајот не биде потпишан од собранието, нема реперкусии, но тоа би требало да значи дека е неопходна промена на Управниот одбор на МРТ. Пленарната седница, на која ќе се најде извештајот од јавниот дифузен сервис, е закажана за 17 јули.