Законот е јасен – вработените во приватниот сектор до крајот на годината треба да добијат регрес за годишен одмор попознат како К-15, во висина од најмалку 40% од основицата. Кој тоа го почитува?, пишува МКД.мк.
Според податоците за движењето на нето/бруто платата по вработен, К-15 за оваа година ќе се движи од 9.610 денари (40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци) до 14.090 денари (40 отсто од износот на просечната бруто плата во последните три месеци). Услов што треба да се исполни за регресот за годишен одмор е работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавец.
Но од донесен закон до негово спроведување, кај нас како по традиција има голем и непремостлив јаз.
Па така, овие неколку години откако законот стапи во сила, газдите бараат најразлични начини како да не ги исплатат предвидените средства. Особено тоа е изразено во фирмите што имаат поголем број вработени, најчесто конфекции.
Интересно е сведоштвото на вработена во една од поголемите конфекции во Штип.
–Минатата година сопственичката ни даде по две илјади денари, оваа година ни понуди исто толку, понудата беше или толку или ич, односно земи или остави.
Вработената ни нагласи дека станува збор за конфекција чија сопственичка е од странство и дека работат како подизведувачи за германска компанија.
–Јас мислам што се однесува до Германците, тие ги исплаќаат тие пари, само нашите ги трошат. Инаку, искрено да кажам, условите во нашата конфекција се можеби најдобри во градот, што се однесува до плати, прекувремена работа и слично, сѐ е како што треба и според договореното, само кога треба да се исплати К-15, настанува проблем, вели вработената.
Според едно друго сведоштво, состојбата во источна Македонија во однос на К-15 во повеќето фирми е повеќе од лоша.
–Најмалку 80 проценти од пријателите што јас ги знам, од Штип, Кочани, Делчево, па можам да кажам речиси од цела источна Македонија, не добиваат К-15. Се случува некаде вработените да добијат по 500 денари. Некаде го добиваат и целиот износ, но тогаш најчесто парите ги враќаат назад, најретко се случува сè да се исплати како што треба, вели соговорникот, при што нагласува дека луѓето најчесто не се жалат бидејќи стравуваат од отказ, но и тогаш кога се жалат, речиси да нема ефект.
Инаку работниците од приватниот сектор што до крајот на годинава нема да добијат К-15 можат да се обратат до трудовите инспектори или да покренат судска постапка, препорачуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ и додаваат дека притоа ја имаат на располагање синдикалната служба за бесплатна правна помош.
Оттаму потсетуваат дека за работодавците што не го почитуваат ова право на работниците и не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од нив да ги вратат исплатените средства по овој основ, предвидена е глоба од 3.000 до 4.000 евра. Од 2.000 до 3.000 треба да плати правното лице, а со 500 до 1.000 евра се казнува одговорното лице кај работодавецот. А според Кривичниот законик за ова може да се добие и затворска казна до една година.