Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска соопшти дека вицепремиерката и министерка за економија Мартина Далиќ поднела оставка, а тој ја прифатил.
– По вчерашните и денешните разговори, Мартина Далиќ и јас одлучивме таа денеска да поднесе оставка на својата должност, која јас ја прифатив, истакна Пленковиќ.
– Потпретседателката даде голем придонес, не само во економијата, националната стратегија за реформи и воведувањето на еврото, туку и занимавајќи се со кризата во Агрокор, рече Пленковиќ.
Коалициските партнери на ХДЗ во петокот одржаа состанок со премиерот Пленковиќ, на кој била побарана оставка на министерката Мартина Далиќ, откако во јавноста беа објавени мејловите, во кои таа разменувала доверливи информации со сопствениците на брокерски куќи, адвокати и консултанти што биле ангажирани на изработка на посебниот закон за санација на „Агрокор“.