Економија 13. мај 2020. / 12:50

Хелсиншки: Остануваат без работа 265 работници, биле принудени да потпишат спогодбен отказ

Хелсиншки: Остануваат без работа 265 работници, биле принудени да потпишат спогодбен отказ

Во месец април, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрирал 85 пријави за прекршувања на работничките права, кои опфатиле приближно 920 работници. Голем број од нив пријавиле дека одредени работодавачи и покрај сите препораки и мерки, ја злоупотребиле вонредната состојба и им ги откажале
договорите за вработување на цели групи вработени лица.

Поголемиот дел од работниците воопшто не добиле писмено известување за тоа, туку работодавачите
едноставно ги одјавиле од Агенцијата за вработување.

-Комитетот регистрираше 18 пријави за приближно 77 работници кои биле отпуштени од работа во текот на овој месец, но далеку позагрижувачки е бројот од 265 работници кои биле принудени да потпишат спогодби за раскинување на договорите за вработување. На овој начин, ним им беше оневозможен каков било пристап до заштитен механизам и тие останаа да се борат за „гола“ егзистенција на маргините на општеството, се вели во извештајот на Хелсиншки.

Уште еден удар за работниците, додаваат од комитетот, е неможноста да остварат паричен надоместок
во случај на невработеност поради тоа што работниот однос им престанал спогодбено.

Хелсиншки регистрира и дека во вората половина од април покрај тоа што се намалувале пријавите за
отпуштања од работа, забележан е раст на бројот на пријави од работници на кои платата не им била исплатена или им била намалена дури и за 50 проценти, незаконски повикувајќи се на институтот „виша сила“.

– Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бурно и будно реагираше со јасно видување дека одлуките на Владата со кои целосно се забрани работата на правните субјекти во одредени дејности, а поради спречување на ширењето на корона вирусот, не претставуваат виша сила, потенцираат од Хелсиншки.

Дополнително, регистрирано е дека и голем дел од работодавачите не ги почитувале мерките и препораките на Владата и на Министерството за здравство. Особено незаштитени и загрозени биле работниците во супермаркетите, продавачите и продавачките.

-Занемарувајќи ги трудовите правила за заштита и безбедност при работа, работодавачите не им обезбедија соодветна заштитна опрема, па тие ги остваруваа своите работни задачи изложувајќи се на сериозен ризик за своето здравје и живот. Притоа, тие не добија зголемување на платите соодветно, нотираат од комитетот.

Правна помош велат од Хелсиншки е побарано и во однос на правотото еден од родителите чии деца до десетгодишна возраст посетуваат настава во градинка или основно училиште, да биде ослободен од
обврската да ги извршува работните задачи.