Економија 30. октомври 2018. / 18:06

Гувернерката на НБРМ: Во последниве 10 години растат заштедните во банките

Гувернерката на НБРМ: Во последниве 10 години растат заштедните во банките

  – Во последните 10 години, вкупните депозити растат со стапка од околу 8%, во просек, на годишно ниво– изјави гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

Пред присутните, таа се осврна на важноста на штедењето како од аспект на поединецот, така и за целокупниот економски напредок и одржувањето на макрофинансиската стабилност и притоа укажа и на повеќекратната корист за целокупното општество.

Имајќи ги предвид сите придобивки на штедењето, задоволство ми е што можам да констатирам дека македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор. Во последните 10 години, вкупните депозити растат со стапка од околу 8 %, во просек, на годишно ниво, што придонесе за зголемување на штедењето за околу 10 процентни поени на нивото од 55 % од БДП во 2017 година. Фактот што депозитниот раст беше остварен во услови на глобалната криза и повеќе економски и политички шокови е потврда за високата доверба на граѓаните во банкарскиот сектор, којшто во целиот период остана здрав, стабилен, високо капитализиран и ликвиден, покажувајќи висока способност за успешно справување со шокови. Особено позитивен е посилниот раст на депозитите во домашна валута и забрзувањето на растот на штедењето на долг рок, што го јакне капацитетот на банките за долгорочни пласмани и поддршка на инвестициски проекти. Растот на депозитите обезбеди солидна основа за раст на кредитната активност и продлабочување на финансиското посредување за околу 8 процентни поени во изминатите десетина години до нивото од 48 % од БДП во 2017 година – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа нагласи и дека и покрај позитивните трендови, видлива е потребата за натамошно зголемување на вкупното домашното штедење, што е впрочем заедничка карактеристика на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Притоа, подетално се осврна и на поврзаноста на нивото на штедење со нивото на поддршка на инвестициите. Укажа и на тоа дека перспективно гледано, несомнена е потребата од забрзување на инвестициите, што значи несомнена е и потребата за поттикнување на домашното штедење заради намалување на јазот помеѓу домашното штедење и инвестициите.

На свеченоста се обратија и министерот за финансии, Драган Тевдовски и претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски.