По одржувањето на седницата на Комитетот за финансиска стабилност, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска изјави дека девизниот курс на денарот останува стабилен и нема да има промени на неговото ниво.
Гувернерката додаде дека централната банка располага со низа инструменти со кои ја гарантира стабилноста на денарот. Таа вчера, на прес-конференцијата за економските мерки, напомена дека девизните резерви што се клучни за курсот на домашната валута се одржуваат на високо ниво, што е двојно повисоко од нивото пред глобалната економска криза во 2008 година.
– Заштедите на граѓаните во банките и штедилниците се сигурни и безбедни. Депозитите и сите други услуги што ги нудат овие финансиски институции и натаму се достапни како и досега – вели гувернерката.
Во текот на денот се огласија и од Македонската банкарска асоцијација со потврда дека услугите на нивните членки – банките и штедилниците, за клиентите се достапни и по прогласувањето вонредна состојба.