Економија 24. октомври 2018. / 21:04

Горивата ќе поскапуваат поради растот на цената на доларот

Горивата ќе поскапуваат поради растот на цената на доларот

Цената на горивата и натаму ќе скока поради растот на доларот, но Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не може да влијае врз крајната цена што ја плаќаат граѓаните зашто работи по точно определена методологија. Претседателот Бислимовски вели дека начинот на формирање на цените е договорен со продажбата на ОКТА на Грците во 1999 година, па рацете на регулаторите се врзани до следната година, кога истекува договорот.

„И понатаму ќе има зголемување на цената на нафтата и нафтените деривати. Не очекуваме тоа да е нешто драматично, но сепак ќе има повисоки цени. Регулаторна нема некои големи ингеренции, се надевам дека доколку дојде до значителни скокови на цените Владата ќе разгледа и други солуции со цел да се заштитат граѓаните од ценовните шокови“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика

За една година бензинот поскапе од 63 на 74, 5 денари, а дизелот од 51 на 69 денари за литар. Повисоките цени на горивата и зголемената акциза за нафтата годинава, го зголемија приливот во буџетот. По основ на акцизи заклучно со август се прибрани 270 милиони евра, што е за 25 милиони повеќе од лани.

Дали целосната либерализација на пазарот на нафта, како што е во речиси сите земји во Европа, ќе донесе пониски цени, Бислимовски не верува. Вели дека треба да се оди чекор по чекор.

„Регулаторна донесе нова методологија, да видиме како ќе функционира пазарот на нафтени деривати во Македонија во тој момент, па доколку се создадат услови ќе има целосна либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати. Да потенцирам дека цената на нафтата во Македонија во однос на регионот е најевтина“, вели Марко Бислимовски – претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Паралелно со повисоките цени на нафтата поскапува и автоплинот, чија цена не е регулирана, туку ја формираат трговците. За само три месеци тој поскапе шест денари, а очекувањата се дека и понатаму ќе расте зашто ја следи цената на нафтата на светските берзи.