На преземањето на која било супервизорска мерка и на носењето на која било супервизорска одлука на Народната банка претходи темелен и сеопфатен процес на анализа и оценка. Во процесот секогаш е вклучен тим на високопрофесионални и посветени кадри, кои стојат зад секоја одлука, вклучително и за „Еуростандард банка“.
Ова во интервју за МИА го истакна генералната директорка на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова.
Секоја супервизорска одлука минува низ неколку нивоа на анализа и одлучување, со цел крајната одлука секогаш да биде во најдобар интерес на депонентите и доверителите на банката, смета Глигорова.
Како што додава основната цел на супервизијата на Народната банка е одржувањето сигурен и стабилен банкарски систем и заштита на интересите на депонентите кои имаат вложено средства во банките.
Воспоставениот систем и начинот на спроведување на супервизијата, истакна Глигорова, вклучува бројни интерни контроли и неколку нивоа на разгледување и анализа на наодите, што е во функција на обезбедување висока професионалност и најважно – носење најсоодветни супервизорски одлуки. Така е постапувано и во случајот на „Еуростандард банка“ и исцрпени беа сите можности за поповолно решение за Банката.
Таа појасни дека Решението од 1 јуни коешто се споделуваше на социјалните мрежи и Решението за укинување на дозволата за работење на „Еуростандард банка“ се две комплетно различни решенија, донесени според различен законски основ.
Решението од 1 јуни 2020 година е донесено поради фактот што износот на сопствените средства на „Еуростандард банка“ падна под законски утврденото ниво за вршење на одреден вид финансиски активности, како што се тргувањето со хартии од вредност на странски пазари, тргувањето со деривативи и сл., за коишто потребен е дополнителен капитал, над основниот. Повлекувањето на согласноста за извршување на некои од финансиските активности не подразбира дека по автоматизам се укинува дозволата за работење на банка. Впрочем некои банки и воопшто не побарале и немаат согласност за извршување ваков вид финансиски активности, напоменува Глигорова, посочувајќи дека Решението за затворање на „Еуростандард банка“ е донесено на 12 август, заради несолвентност на Банката.
Начинот на вршењето на супервизијата и банкарската регулатива кај нас беа предмет на детална проверка од ММФ и Светската банка, при што е потврдена високата оценка за ефикасноста на банкарската супервизија и нејзината значајна усогласеност со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија.
Изминатите десетина дена често се споменува супервизијата на банките. Може ли да појасните што е супервизијата?
Супервизијата е системот на активности преку кои Народната банка ја оценува сигурноста на банките, нивото на ризиците кои тие ги имаат преземено и секако, во тој контекст усогласеноста на работењето на банките со прописите. Основната цел на Народната банка при извршувањето на супервизорската функција е одржувањето сигурен и стабилен банкарски систем и заштита на интересите на депонентите кои имаат вложено средства во банките.
Како се спроведува супервизијата?
Во рамки на процесот на супервизија, активностите се спроведуваат главно преку четири пункта: издавањето дозволи и согласности, постојаното вонтеренско следење, спроведувањето непосредни теренски контроли и изрекувањето супервизорски мерки кон банките. Овие активности се остваруваат согласно со супервизорски процедури и практики, кои се усогласени со најдобрите меѓународни стандарди.
Но супервизијата не се само процедури. Супервизијата се луѓето, супервизорите кои ги применуваат тие процедури и чиј капацитет и стручност се градат низ годините и овозможуваат квалитетно и ефикасно извршување на супервизорската функција. Воспоставениот систем и начинот на спроведување на супервизијата на Народната банка вклучува бројни нивоа на интерни контроли и неколку нивоа на разгледување и анализа на наодите, што е во функција на обезбедување висока професионалност и најважно – носење најсоодветни супервизорски одлуки.
Начинот на вршењето на супервизијата и банкарската регулатива кај нас беа предмет на детална проверка од ММФ и Светската банка, при што беше потврдена високата оценка за ефикасноста на банкарската супервизија и нејзината значајна усогласеност со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија.
Целото интервју овде