Економија 23. октомври 2019. / 17:40

„Герешајмер“ го означи почетокот на изградба на новата фабрика во Бунарџик, ќе вработи 400 луѓе

„Герешајмер“ го означи почетокот на изградба на новата фабрика во Бунарџик, ќе вработи 400 луѓе

Германската компанија „Герешајмер“ денеска во Технолошко индустриската развојна зона Бунарџик ги постави темелите на новата фабрика за медицинска пластика. Ова е прва фабрика на германската компанија во Југоисточна Европа, а првичните проценки се дека ќе бидат отворени околу 400 работни места.

Објектот ќе се протега на 12.500 метри квадратни, а изградбата се очекува да биде завршена до крајот на првата половина на идната година, а првите производи наменети за фармацевтската и медицинската индустрија се очекуваат во почетокот на втората половина на 2020 година.

Премиерот Зоран Заев, обраќајќи се на церемонијата, посочи дека одлуката на „Герешајмер“ да инвестира во Македонија е една од двете инвестиции кои дојдоа непосредно по потшишувањето на Протоколот за членство во НАТО.

– Во моментот само во Бунарџик во ТИРЗ 1 и ТИРЗ 2 имаме 12 нови странски инвестиции кои се реализираат. Дополнително се реализираат пет нови проекти за странски инвестиции, чија вредност на сите заедно е 155 милиони евра. Во првата фаза овие компании вработуваат 1.100 лица, а согласно нивните бизнис планови вкупниот број на новоотворени работни места според планот треба да достигне 4.300 работни места, рече Заев.

Извршниот директор на „Герешајмер“ Дитмар Зимсен рече дека нивната компанија работи за здравствениот сектор и работат на производи што го подобруваат квалитетот на животот на луѓето, и оти нивните производи се од висок квалитет.

– Нема компромис за квалитетот на нашите производи. Оттука и вештините на луѓето кои ги вработуваме мора да бидат од високо ниво. Се одлучивме да инвестираме во Скопје бидејќи веруваме дека имаме пристап до луѓе со вистински вештини – техничари, инженери, се надевам дека на крајот на годината или на почетокот на следната ќе ги видиме и првите машини овде, дека оттука ќе излезат добри производи со висок квалитет што на крајот ќе бидат испорачани до крајните корисници, рече тој.

Посочи дека планираат да почнат со уреди, со машини со продукти кои ќе бидат поддршка на испораката на амбалажа за пакување на лекови.

– Тоа се високо автоматизирани производсвтени линии што ќе бидат инсталирани овде, но како што веќе спомнав зошто се одлучивме за ова парче земја, а тоа е дека во Скопје и Северна Македонија јасно гледам можности за постигнување на нашите цели да вработиме луѓе со висока мотивација. Ја ценам поддршката што ја добивме од Владата, рече Зимсен.

Ова е втора инвестиција по потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО. Договорот беше потпишан во март годинава, а новата инвестиција тогаш ја најавија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.