Вработувања имало и ќе има и тие се во согласност со годишните програми и потреби на институциите. Немаат никаква врска со изборите, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, иако за само пет дена објавени се 60 огласи. И минатиот месец институциите вработуваа, односно околу 120 огласи беа објавени само во ноември.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со новите огласи за вработување, Манчевски рече се работи за редовна активност што се случува секоја година и нема врска со најавените избори.
– Вработувањата ќе продолжат и во иднина и ова се случуваше и кога немаше најавено избори, истакна Манчевски, појаснувајќи дека на крајот на секоја година има раскинување на сите договори на определено време, бидејќи тие се планирани со буџетот за таа година, но оти за следната година доколку институциите имаат потреба, ќе бидат распишани нови огласи за вработување на определено време.