Економија 17. март 2020. / 13:51

(ФОТО) Меѓуградска речиси празна, исто е и во возовите

(ФОТО) Меѓуградска речиси празна, исто е и во возовите

Состојбата со коронавирусот и мерките за превенција со апели да се ограничи патувањето се одрази на бројот на патници со Железницата, каде бројот на превезени патници во просек е намален од 1 750 на 480, а во меѓуопштинскиот превоз линиите се двојно намалени или укинати, а во малкуте автобуси што сообраќаат се возат по двајва тројца патници. На меѓуградската автобуска станица ја нема вообичаената гужва, како претходно.

Железницата, согласно со препораките од синоќешната седница на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот, привремено ја укинува мерката за бесплатен воз, што ја користеа пензионерите и студентите. Според  Орхан Муртезани, генерален директор на ЖРСМ Транспорт во март 2019 година просечниот дневен број на патници превезени со воз изнесувал 1 750, а сега 480 патници.

Од Асоцијацијата Исток, каде членуваат автобуските превозници, велат дека пандемијата зададе тежок удар во превозот на патници од економски аспект и бараат поддршка од Владата. Приходите на превозниците во однос на претходниот период се намалени за 95 проценти, миграцијата на населението е намалена , додека трошоците за надоместоци за вработените остануваат исти.

Претходно, мерки за помош од Владата од транспортниот сектор побараа и превозници од здруженијата АМЕРИТ и Макам-Транс, кои исто така бележат намалување на работата. Според податоците на АМЕРИТ, поради состојбата со коронавирусот внатрешниот превоз веќе бележи пад од 65 до 70 проценти, а во меѓународниот се очекува пад и од 100 проценти.

Владата вио неколку наврати повтори дека Буџетот има кондиција да ја издржи новата состојба во која се најде економијата која најави дека ќе ја помогне со конкретни мерки, а што се очекува да ги објави.