Во Скопје е формирано Здружение на грчки бизниси во Македонија чија цел ќе биде заштита и промоција на економските и професионалните интереси на членовите, како и развој на односите меѓу бизнис заедниците меѓу двете земји.
Како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА, основачите на Здружението се 16 големи грчки компании во Македонија, а за претседател е избран Арис Влахос, додека, пак, во управниот одбор учествуваат претставници на Стопанска банка, на ЕДС, Усје и Интракат.
Се стремиме да станеме мост на комуникација помеѓу бизнисите од двете земји и да ги браниме интересите на грчките компании во С. Македонија. Еден од приоритетите на Здружението е соработка со надлежните тела од двете земји – порачал Влахос.