Во владата денеска беше формиран мешовитиот комитет за економска соработка меѓу двете земји, чија главна цел е да номинира проекти во кои Македонија и Германија директно ќе соработуваат, а фокусот се очекува да биде ставен на инфраструктурата и образованието. Од владата велат дека на комитетот гледаат како силна поддршка од Германија за политиките кои до сега ги водат.
– Зголемување на индустриската соработка, повеќе македонски производи на германскиот пазар и повеќе know-how, технологии и германски инвеститори во Македонија, ќе биде приоритет на комитетот. – истакна Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Од германското министерство за економија велат дека комитетот се вклопува во нивната стратегија за западен Балкан, а Македонија, како што тврдат е главниот столб на таа стратегија. Формирањето на комитетот за нив е последица на добрите економски односи меѓу двете земји.
Идејата за комитетот беше презентирана пред неколку месеци за време на посетата на германската канцеларка Ангела Меркел. Во таа прилика покрај најавата за формирање на заеднички економски комитет меѓу двете земји, од Владата кажаа и дека до крајот на годината од Германија ќе дојдат неколку економски советници.