Економија 25. јули 2018. / 10:03

Финансиската полиција ќе истражува како Охрид плаќал со блокирана сметка

Финансиската полиција ќе истражува како Охрид плаќал со блокирана сметка

Управата за финансиска полиција ќе испитува како од блокираната сметка на Општина Охрид поранешниот градоначалник Никола Бакрачески им плаќал на медиумите во кои биле објавувани општински огласи и информации. Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, најавува дека ќе ги истражат сите плаќања.

„За овој случај немаме оформено предмет, но по допрен глас ќе се оформи случај за да испитаме на кој начин се вршеле намирувањата на обврските од блокираната сметка за работи што се надвор од дозволените плаќања за плати на вработените и неопходни трошоци за функционирање на Општината. Под лупа во моментот имаме пет општини во Македонија, ја следиме нивната работа поради сомнеж за разни видови незаконско работење. Во Охрид нашиот интерес ќе биде насочен не само на финансиското работење туку инспекторите ќе истражуваат и ќе бараат криминал и во другите сектори и спроведени постапки“, рече директорот Муареми.

Тој вели дека кога ќе биде завршена предистражната постапка, ќе ги презентираат наодите од проверките во Охрид.

Градоначалникот Бакрачески вршел исплати од сметката и во месеците кога се подготвувале избори и покај тоа што во член 8 – а од Изборниот законик стои дека од денот на донесување на одлуката за распишување избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија, во согласност со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори, па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и на Град Скопје, не може да се располага со буџетските средства на Република Македонија, средства на буџетите на општините и на Град Скопје. Членот 8 – а исто така укажува дека не може да се вршат ниту исплаќања плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови што не се редовни месечни исплати.

„Макфакс“ преку барање за пристап до информации од јавен карактер дојде до месечните извештаи за исплатите што Општината ги имала кон фирмите на Љупчо Таневски, сопственик на порталот „Охрид 1“ за изборните 2016 и 2017.

Во извештајот стои дека во 2016 година, кога во Македонија имаше предвремени парламентари избори, на Таневски му биле исплаќани пари од Општина Охрид и по распишувањето на изборите. Тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, донесе решение за распишување избори на 18 октомври. Таневски имал исплата од 10.000 денари еден ден пред распишувањето, на 17 октомври. Следната исплата била на 17 ноември кога Општина Охрид му префрлила уште 10.000 денари, а нови 10.000 денари му биле префрлени на 15 декември 2016 година, четири дена по одржаните избори.

На сметката на Таневски исплатите продолжиле и во изборната 2017 година и во месеците додека се преговараше за состав на Владата. Исплата од 10.000 денари од Општина Охрид имало на 16 јануари. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги распиша градоначалничките избори на 2 јуни 2017 година, а веќе на 8 јуни 2017 година Општина Охрид на Таневски му исплатила 10.000 денари. Истиот месец на 21 јуни му биле исплатени уште 20.000 денари, а според извештајот, последната исплата за 2017 година му била на 21 август кога му биле префрлени уште 20.000 денари.

Ова се само дел од плаќањата што Општина Охрид ги вршела кон фирмите на Таневски. „Макфакс“ веќе објави дека во периодот од 2013 до 2017 година на сметката на Таневски од Општина Охрид биле исплатени 1,5 милион денари за објавување огласи и информации, како и за изработка на промотивни видеа за туристичка понуда.

Ексградоначалникот Бакрачески во изјава за „Макфакс“ рече дека исплатите од блокираната сметка му биле дозволени и дека не направил ништо поинакво од неговиот претходник ниту, пак, од градоначалникот на Охрид што дојде по него.