Facebook во изминатото тромесечие остварил приходи од скоро 12 милијарди долари, што е 49% повеќе од истиот период година претходно, а бидејќи силно пораснала и добивката на најголемата социјална мрежа, се чини дека скандалот со недозволеното користење на податоците на корисниците засега не ѝ наштетил.
Според вчера објавениот финансиски извештај, чистата добивка на Facebook во првиот квартал од оваа година достигнала 4,99 милијарди долари, што е 63% повеќе од година претходно.
Притоа приходите од огласување, најголемиот извор на приходи за компанијата, пораснале за околу 50%, на 11,7 милијарди долари.
Аналитичарите на компанијата еMarketer проценуваат дека оваа година приходите на Facebook од дигитално огласување ќе стигнат до удел од 18% во вкупните глобални приходи од овој вид огласување, додека Google би зафатил 31%.
Според податоците од финансискиот извештај, Facebook на крајот на изминатото тромесечие имал 2,2 милијарди активни корисници, додека на мрежата секојдневно ѝ пристапувале 1,45 милијарди, што е 13% повеќе од лани.
Поради недозволеното користење на податоците на корисниците, но и поради претходниот скандал со лажните објави на Facebook платени од Русија во обид да се влијае на изборите во САД, Facebook вработи луѓе за борба против лажните вести и реклами. Оттука трошоците за компанијата во изминатиот квартал пораснале за 39%, при што бројот на вработени е зголемен за 48%, на 27.740.