Економија 04. септември 2020. / 10:14

Фактор: Во „Еуростандард банка“ имало привилегирани камати и депозити поврзани со перење пари

Фактор: Во „Еуростандард банка“ имало привилегирани камати и депозити поврзани со перење пари

Фондот за осигурување депозити конечно вчера во попладневните часови го доби од стечајниот управник Душко Тодевски списокот со штедачи од Еуростандард банка кои треба да бидат обесштетени.

Веќе од денеска ќе се прави распоред на штедачите по четирите банки кои се одредени за преку нив да оди обесштетувањето. Денеска интензивно ќе се работи на распоредувањето на штедачите, за веќе во понеделник списоците да бидат доставени поединечно до четирите банки.

Инаку, како што и веќе беше објавено, преку Фондот ќе се обесштетуваат околу 139 илјади штедачи.

Ако првично се најавуваше дека за обесштетувањето треба да се потрошат 4,4 милијарди денари од Фондот, или 71,5 милиони евра, сега, според последниот прочистен список од стечајниот управник, ќе треба да се испалти помала сума, односно 4,2 милијарди денари, што значи дека таа се свела на 68,2 милиони евра. Односно, сумата на обесштетување е намалена за 3,3 милиони евра.

Според сознанијата на Фактор, овој список е „прочистен“ по неколку основи, и тоа го намалува конечниот износ.

Прво, на оние депоненти што имале и обврски кон банката, или пак, кредити, за таа сума им е намален износот од влогот што треба да го земат како обесштетување. Ова во неколку наврати беше споменато и од Фондот за осигурување депозити, и од стечајниот управник.

Второ, како што објаснуваат наши извори од Фондот, а тоа е и според законските прописи, воопшто не се обесштетуваат депозити на членови на Управниот и Надзорниот одбор, како и на нивни блиски роднини од прв степен, а во Еуростандард банка имало и такви депозити. Ова значи дека тие нема да земат ни денар за обесштетување од Фондот за депозити.

Трето, воопшто нема да се обесштетат оние депозити кои биле поврзани со перење пари, за случаи за кои тоа е докажано со документи од Управата за финансиско разузнавање, и се донесени и судски пресуди. Тие депозити кои постоеле во банката, воопшто нема да бидат обесштетени.

И четврто, нема да се обесштетуваат депозити кои се чувале со привилегирани каматни стапки, односно повисоки камати од оние кои се официјални на банката и кои таа ги има објавено на својата веб страница и важат за сите клиенти.