Економија 13. април 2019. / 21:13

Еве кој донирал во кампањите на претседателските кандидати

Еве кој донирал во кампањите на претседателските кандидати

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не донирал ниту денар за кампања на Гордана Сиљановска-Давкова. Но, затоа неговиот заменик во партијата Александар Николовски уплатил 180.000 денари што е највисока сума меѓу 248. донации за кандидатот за претседател на опозициската партија, покажува Финансискиот извештај што го објави ДИК.

Антонио Милошоски донирал 150.000 денари, пратеничката Ане Лашкоска се јавува се две уплати од 50.000 и од 80.000 денари за вкупно 130.000, координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски – 120.000 денари, а поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски издвоил 100.000 денари. Меѓу донаторите е Трајко Славески со 90.000 денари, поранешниот портпарол на партијата, Иво Котевски со 60.000, поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски со 50.000 денари, пратеничката Невенка Стаменковска уплатила 30.000 денари, нејзиниот сопартиец Драган Данев – 20.000 денари.

За разлика од долгиот список на донатори на Сиљановска-Давкова, кандидатурата на Пендаровски финансиски ја поддржале десет физички лица од кои се издвојува извесен Павле Дукадиновски кој има донирано 150.000 денари. Останатите девет лица во извештајот објавен на интернет страницата на Државната изборна комисија (ДИК) издвоиле од 1.000 до 6.000 денари или сите заедно вкупно 28.000 денари. Од наплатена членарина во СДСМ за 2018 година и за 2019 година имал на располагање десет милиони денари.

Стево Пендаровски потрошил трипати повеќе пари од неговата противкандидатка Гордана Сиљановска за првите десет дена во претседателската кампања. Според извештаите објавени на сајтот на ДИК, кандидатот на власта Пендаровски прикажа 484.000 евра расходи, а Сиљановска 163.000 евра. Неспоредливо со овие двајца кандидати, третиот Блерим Река прикажал расходи од 25.000 евра.

Најголем дел од парите кај Сиљановска биле потрошени за превоз – 1.500.000 денари, но и за реклами. Пендаровски планира да потроши околу 342.000 евра за платено политичко рекламирање.

Третиот кандидат Блерим Река сите пари ги добил како донации од двете партии кои му даваат поддршка, 18.000 евра од БЕСА и Алијансата за Албанците. За реклами потрошил околу 23.000 евра.

За првпат од овие избори, медиумската кампања ќе биде исплатена од државната каса.