– За 2019 година преку ЕУ договоривме 15 милиони евра поддршка на македонското земјоделство. Со 3,5 милони евра од нив ќе се градат нови системи за наводнување, а со 4,5 милиони евра фабрика за третирање отпад од угинати животни, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски на денешната средба со производителите Стајковци и Црешево.
Со влегувањето во Европската унија (ЕУ), истакна Николовски, македонските земјоделци ќе ги добиваат субвенциите директно од ЕУ. Вкупно 400 милијарди евра се предвидени во буџетот на ЕУ за 2014-2020 година за развојот на земјоделството.
– Членството во НАТО и во ЕУ ќе значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход, подобар производ и за пласман со подобри цени, модерно и одржливо земјоделство, повеќе вработувања во руралните средини и поттикнување на економскиот раст, потенцира министерот.
Потсети и дека само оваа година преку ИПАРД 2 Програмата, Европската комисија и додели на Македонија над 12 милиона евра за инвестиции во земјоделските стопанства, преработувачките капацитети, руралните средини, за развој на нови и постоечки бизниси, како и за рурална јавна инфраструктура.