Антикорупциската комисија бара, Атанаско Тунески да си даде оставка од Регулаторната комисија за енергетика или да ги продаде акциите во „Макпетрол“. Како член на комисија која носи одлуки, дава и одзема лиценци и врши надзор врз енергетскиот пазар, тој не смее да поседува акции во енергетска компанија, но е утврдено дека ги поседувал акциите и пред да стане член. Со тоа, од старт го прекршил и Законот за судир на интереси кој предвидува дека, дури и три години по завршувањето на функцијата, претседателот и членовите на Комисијата, не смеат да се стекнат со акции во енергетски компании. Во членот 22 од Законот за енергетика, пак, јасно стои и дека, овие лица се должни да ги прекинат своите интереси со носителите и барателите на лиценци за вршење на енергетска дејност, преку продажба на акциите или повлекување од функцијата.
На претседателката на Антикорупциската комисија вчера и било јавено дека Тунески се одлучил за втората мерка и веќе ги продал акциите, но официјално известување до Комисијата се уште нема.
Бајрами им укажа и на собраниските Комисии кои ги бираат членовите во регулаторните и во другите владини тела, претходно да проверуваат дали имаат судир на интереси.
Регулаторната комисија за енергетика нема да побара од Собранието да го разреши Тунески, иако според Член 19 од законот, имаат право да го сторат тоа, доколку некој од членовите ја злоупотребил функцијата или работел спротивно на законот. Ја префрлаат одговорноста кај Собранието, кое ги именува и разрешува членовите на регулаторните тела. Тврдат дека тој веќе ги продал акциите и за ова ја известил Антикорупциската комисија.
По одлуката на Антикорупциска, остана нејасно и зошто матичната комисија за избори и именувања му прогледала низ прсти на Тунески и не го спречила судирот на интереси пред две и пол години, кога го назначиле за член на Регулаторна? Зошто уште никој не го испитува можното влијание или трговија со влијание при досегашното гласање на Тунески за одлуките на Регулаторна, како член на независно регулаторно тело и сопственик на 10 обични акции во енергетска компанија?
Во моментов Тунески ја извршува функцијата член на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република С. Македонија, а според анкетниот лист што го доставил до Антикорупциска, неговиот имот тежи над половина милион евра. Пријавил заштеди на повеќе штедни книшки во една банка, дел негови, а дел на сопругата од околу 300.000 евра. Само од камати од заштедите годишно му легнувале околу 8.000 евра, а во сефот во банка кој го пријавил имал 20.000 евра. Завел и три станови во Скопје, од 94, 87 и 51 метар квадратен, на негово и на име на сопругата, вредни околу 205.000 евра.штедна книшка во банка прикажал заштеди од 300.000 евра.
Но Тунески одговори дека не е ништо спорно тоа што, како професор се стекнал со толкаво богатсво. Дел било наследство, а другото го заработил од плати и проекти. Рече и дека половина милион евра дури се малку со оглед на тоа што има 60 години.