Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески се сретнал со новоименуваниот Амбасадор на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо.
Како што соопштија од Министерството за транспорт и врски, на средбата се разговарало за економската соработка помеѓу двете земји, при што министерот Сугарески го информирал амбасадорот Ѕуо за реализацијата на инфраструктурните проекти. Сугарески ставил посебен акцент на проектите што се реализираат со поддршка на ЕКСИМ Банка, во кои се вклучени компании од НР Кина.
Како што стои во соопштението, министерот Сугарески го информирал амбасадорот дека преку ЕКСИМ Банката се обезбедени дополнителни средства за доизградба на автопатот Кичево-Охрид.
– На мое лично задоволство денеска одржав работна средба со Амбасадорот на НР Кина, на која разговаравме за капиталните проекти што ги реализираме во нашата држава. Воедно го информирав амбасадорот дека во следниот период се отвора широк фронт за работа и ги повикав сите заинтересирани кинески компании да учествуваат во јавните повици за изградба на железницата, гасификацијата и патната инфраструктура. Со НР Кина сме пријателски земји, имаме одлична соработка и се надевам дека таквата соработка ќе продолжи и во иднина – изјавил министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
И двете страни покажале заинтересираност за зголемување на економската соработка и продлабочување на пријателските односи.