Една четвртина од вкупно контролираните трговци (807) лани не издале фискална сметка, а 90 од нив воопшто и не го вклучиле вагончето за плаќање со картичка, сигнализираат податоците од Управата за јавни приходи. Откако почна да се враќа ДДВ за купената стока, граѓаните станаа многу повнимателни од каде купуваат и редовно си ги бараат фискалните сметки.
Од друга страна и по петнаесетина години од воведувањето на фискалните апарати, редовните контроли што ги спроведува Управата за јавни приходи, потврдуваат дека на некои трговци тие им служат за „украс“ и воопшто не ги вклучуваат. Тие се комотни во сивата бизнис зона и не ги плашат ниту казните кои се движат од 2 до 5.000 евра. Во текот на минатата година, извршени се вкупно 807 контроли согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, а кај обврзниците се направени вкупно 17.120 проверки на усогласеноста по основ на фискализација, велат за „Слободен печат“ од УЈП.
– Најчестите неправилности се неиздавање фискални сметки – користење компјутерски сметки/маркери како замена на фискални сметки, непоседување на резервен фискален систем на опрема, непоседување и неевидентирање на податоци во книга за дневен финансиски извештај и итна сметководствена книга и неусогласен промет, односно разлика на пари во кеш и евидентиран промет преку фискалниот систем – посочуваат од даночната управа.
За целата ланска година, даночните инспектори извршиле вкупно 807, а во записниците се констатирани неправилности во речиси 40 отсто од фирмите.
– Една четвртина (210 случаи) од контролираните субјекти не издавале фискални сметки, а во 90 случаи констатирано е дека обврзникот не го вклучил фискалниот систем. 15 даночни обврзници, не воделе книга за дневни финансиски извештаи, во 2 случаи не издале парагон блок и за една фирма е констатирано дека нема закупено и регистрирано резервна фискална апаратура – детализираат од УЈП.
Во меѓувреме, во собраниска процедура е новиот предлог за измена на Законот за регистрација на безготовинските плаќања, со кој се врши усогласување со новиот Законот за прекршоци.
-Со новиот предлог се пропишуваат поединечни распони на глобите за микро, мал, среден и голем трговец, како и за одговорното лице, а се утврдуваат и глоби за трговец поединец и лице кое самостојно врши дејност. Во Законот за регистрирање готовински плаќања кој е во примена, во зависност од видот на прекршокот, глобата за даночен обврзник правно лице или трговец поединец се движи од 2.000 до 5.000 евра во денарска противвредност. Одмерувањето на висината на глобата, ги зема предвид и вкупниот приход остварен во претходната фискална година, просечниот број вработени и претходни прекршочни санкции – додаваат од УЈП за „Слободен печат“.