Двајца работници во фабриката „Дрекслмаер“ се позитивни на корона вирусот.
Од фабриката информираат дека случаите не се меѓусебно поврзани, но и дека за нив врвен приоритет е безбедноста на вработените.
Вработените изминатите денови не доаѓаа на работа и се заразиле преку контакти во нивното приватно опкружување. И за двата случаја го контактиравме одговорниот епидемиолог во Кавадарци и ги следиме дадените насоки и упатства. Веднаш по добивање на информацијата, беа испратени во домашна самоизолација сите вработени кои според работните места се наоѓаат во непосредна близина – нагласуваат од фабриката.
Компанијата го следи својот изготвен план за справување со евентуален инфициран вработен и има изготвено протокол со што би ги заштитиле и изолирале останатите засегнати колеги.
Вниманието на оваа тема во компанијата е на највисоко ниво од самиот почеток. Постојано сме во контакт со надлежните здравствени институции, ги спроведуваме сите превентивни мерки за заштита, како и дополнителни интерни протоколи наложени од нашата централа во Германија, а според насоките на Роберт Кох Институтот. И покрај преземањето на бројни мерки и активности, сепак една од најважните мерки на заштита останува совесното однесување и делување на секој од нас. За ова вработените постојано се информираат дека самозаштитата почнува од напуштање на домот, за време на работата, но и во слободното време. Токму затоа постојано посочуваме дека треба да се следат препораките на здравствените институции – велат од „Дрекслмаер“.
Оттаму апелираат на зголемување на свесноста за самозаштитата и совесно однесување на сите граѓани. Од фабриката информираат и за преземените заштитни мерки од почетокот на пандемијата на Ковид-19.