Директорот на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, соопошти дека од 1 јули, аеродормите ќе почнат со работа со нови протоколи со цел да ги заштитат патниците од ширење на вирусот.
Како што вели Ерсој, во суштина протоколите остануваат, но ќе има нови мерки кои ќе почнат да се имплементираат од 1 јули и истите ќе бидат имплементирани уште пред влезот на зградата. Сите патници уште пред да влезат во терминалната зграда ќе мора да ја стават маската и да ја носат цело време.
Ќе поминаат низ патоснисници за дезинфекција на обувките, дезинфекција на рацете и ќе преминат на термалните камери каде ќе им биде измерена телесната температура. Насекаде низ аеродромаската зграда имаме поставено стикери кои ги потсетуваат патниците да се придржуваат кон мерките за заштита од вирусот. Засилено е и чистењето и дезинфекцијата на аеродромот и аеродромската зграда. Има поставено и стаклени бариери со цел да се заштитат вработените и патниците. Насекаде каде што има редици за чекање има стикери за држење на дистанца – Ерсој за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Директорот на „ТАВ“ вели дека од самиот почеток на пандемијата се во постојана комуникација со Комисијата за заразни болести и дека ги следат сите препораки и мерки кои се применливи во нивната работа.
Сите наши протоколи се во согласност со препораките. Еден од нашите доктори е и член на Комисијата за заразни болести и сите протоколи ги подготвуваме во согласност со нив и со сите меѓународни институции. Она што е најважно за нас е постојано да носиме маска, да одржуваме дистанца, со цел да спречиме понатамошно ширење на вирусот – посочува директорот на ТАВ Македонија.
Тој вели дека и во последните две децении имало кризи што влијаеле на авио-индустријата, но првпат се соочуваме со криза која толку негативно ќе влијае врз авиоиндустријата во целост.
Според калкулациите загубите во авиоиндустријата на светско ниво би биле околу 100.000.000.000 евра. Истото се однесува и на ТАВ Македонија. Ние имаме огромни загуби со тоа што трошоците остануваат тековни. Поради сите рестрикции за патување и психолошкиот аспект од КОВИД-19, очекуваме дека опоравувањето од оваа криза би било бавно и потребни се неколку години за да се вратиме на бројот на патници од 2019 – вели Ерсој.