Напливот на гастарбајтери карактеристичен за секое лето ги наполни менувачниците со девизи. И трговците тријат раце од зголемената потрошувачка на нашинците од странство кои за време на летните одмори доаѓаат во татковината да си го посетат семејството, пишува Алсат. Се купува нов мебел, се реновира, се троши за секојдневни потреби. Но, освен во текот на летото, парите кои ги праќаат иселениците кај многу семејства во Македонија се основни приходи за живот во текот на целата година.
Неофицијалните податоци покажуваат дека иселениците од дијаспората во Македонија годишно праќаат од 800 милиони, до 1,5 милјарда евра. Овие пари се трошат за тековни трошоци, плаќање сметки и секојдневни потреби на нивните семејства дома. Само мал дел од нив се инвестиции.
Министерот за дијаспора Едмонд Адеми за Алсат М вели дека парите од дијаспората се важни за македонската економија. Според неговите пресметки таа сума минатата година достигнала над 800 милиони евра. Тука влегуваат парите кои се пратени по основ на брз трансфер на пари, а лани изнесувале 400 милиони евра, како и кешот кој го носат гастарбајтерите кога ќе си дојдат дома, а се регистрира преку менувачкото работење и се проценуваат на 400 милиони евра. Оваа сума според него може да биде и поголема.