Економија 08. ноември 2018. / 16:46

Данокот на кириите се зголемува од 10 на 15%

Данокот на кириите се зголемува од 10 на 15%

Ќе плаќаат ли граѓаните поскапи кирии, со даночната реформа на Владата ?! Ако сега данокот за нив е 10% со измените даночната стапка ќе изнесува 15%.

Освен зголемувањето на персоналецот за плати над 90.000 денари, во државната каса повеќе пари ќе се собираат и од оние граѓани кои изнајмуваат станови и деловен простор.

Ако одредено лице зема 12 илјади денари од станот кој го издава и за тоа сега плаќа данок 840 денари, со измените оваа сума ќе се зголеми речиси за половина, односно 1 530 денари.

Зголемувањето на данокот за 50%, го отвора прашањето – дали владата ќе успее да ги оствари очекувањата за повисоки приливи во буџетот или ќе се случи обратен ефект – се повеќе граѓани да ги издаваат своите недвижности на црно.

Инаку освен ова, државата повеќе пари во буџетот ќе собира и од граѓаните кои играат игри на среќа.

Така наместо досегашните 10% кои обложувалниците ги минусираа од добивката, сега ќе наплаќаат минус 15% од добиената сума.

Ако досега клиент кој остварил добивка од 2 илјади денари, а од оваа сума во државната каса влегле 195 денари, со измените ова зголемување ќе стигне и до 5 евра. Колку добивката е поголема, толку зголемувањето ќе биде поизразено.

За прв пат, се воведува и данок на каматите што граѓаните ги добиваат на своите заштеди во банките.

Ова ќе важи доколку каматата е повисока од 15.000 денари.