Вкупно 43 илјади ваучери за туризам се искористени заклучно до денес од 110 илјади изработени. Министерот за економија Крешник Бектеши е задоволен од реализацијата на мерката и од дадените ефекти бидејќи во време на криза, има пораст на бројот на домашни туристи.
– Согласно нашите анализи, ваучерите го дадоа ефектот за да им помогнеме на хотелските капацитети, вклучувајќи ги тука и приватните сместувачки капацитети. Тоа го покажува и извештајот на Државниот завид за статистика кој покажа дека во август имаме зголемување на бројот на домашни туристи за 8,9 проценти споредено со 2019 година, а зголемување на бројот на домашни туристи имаме и во септември за 33,7 проценти. Значи, во време на криза, имаме зголемување на бројот на домашни туристи. Мислиме дека овој тренд ќе продолжи и во октомври, ноември и во декември, истакна Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
Во однос на тоа дали се можни злоупотреби со ваучерите, Бектеши посочи дека на дневна основа Министерството за економија го испраќа извештајот со искористени ваучери до Државниот пазарен инспекторат којшто ги прави контролите. Дополнително, како што нагласи, во уредбата со законска сила е предвидено дека тие луѓе кои ги добиле ваучерите, мора да достават документација за искористеност на ваучерите.