Економија 25. февруари 2020. / 12:46

Дали ќе има продолжување на ловната сезона?

Дали ќе има продолжување на ловната сезона?
Да нема продолжување на ловната сезона, бараат од  Ловечката Федерација на Македонија. Од таму велат дека поред Законот за Ловство ловната сезона за лов на дива свиња е до 31-ви јануари,што значи дека ловната сезона е завршена, а за нејзино продолжување надлежно е Министерството за земјоделие,шумарство и водостопанство, кое до сега нема донесено такво решение. Исто така, нема решение со кое за отстрелана дива свиња ќе се исплаќа по 3000 денари.
Официјалниот став на Ловечката Федерација на Македонија е да нема продолжување на ловната сезона после 31-ви јануари,бидејќи според ловечката етика и морал,неможеме да дозволиме да се отстрелуваат бремени диви свињи и да се вознемирува останатиот дивеч во репродуктивен период, велат од Федерацијата. 
И експертите од областа на ловството, ја коментираат најавата за продолжување на ловната сезона. Војо Гоговски ги коментира  најавите од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија за продолжување на ловната сезонa 2019/20 година за лов на дива свиња, во однос на три аспекти и тоа законски, стручен и од аспект на сегашната, новонастаната состојба.

Законски аспект

Дивечот како природно богатство е сопственост на државатa и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со Законот за ловството и Законот за заштита на природата. Законот за ловството го уредува одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови. Дивечот се одгледува, заштитува, лови и користи во ловиште според посебна ловностопанска основа која се донесува за секое ловиште посебно и мерките предвидени во посебна ловностопанска основа се задолжителни за концесионерите на дивечот во ловиштата.
Основни постулати при одгледување и заштитата на дивечот во ловиштата се oдржување на нормална бројна состојба на дивечот според капацитетот на ловиштето и одредување и спроведување на ловостој кој се поклопува со периодот на размножувањето и одгледувањето на подмладокот на дивечот.

Стручен аспект

Одгледувањето на крупниот дивеч во ловиштата во слободна природа има две основни цели и тоа за што покус временски период густината на популацијата да се доведе до утврдениот капацитет на ловиштето и да се подобри трофејната вредност. Во изминатиот стопански период е постигнат нормалниот матичен фонд на дивата свиња чија густина е во зависност од бонитетниот ред и ловнопродуктивната површина на ловиштата.
За подобрување на трофејната вредност, се постигнува преку следниве одгледувачки мерки:
– Трајно одржување на нормална бројна состојба (густина) на популацијата преку плански застрел,
– Правовремено отстранување на грла со лоши наследни особини и
– Воспоставување на правилен полов сооднос и соодветна полова структура на популацијата.
Спроведувањето на погоре посочените одгледувачки мерки во ловството ги остварува преку изборен застрел. Изборниот застрел може да биде редовен и одгледувачки. На редовен застрел потпаѓаат грла со достигната трофејна зрелост (која не се совпаѓа со физиолошката должина на животот) и кај различни видови на дивеч е различна. Одгледувачки застрел се спроведува заради правовремено отстранување на несоодветни грла во популацијата од понатамошно одгледување, а кои грла ќе се отстранат, се определува врз основа на надворешниот изглед на одгледуваниот крупен дивеч. Многу е важно при овој застрел да не се застрелуваат млади перспективни грла со добар надворешен изглед и грла со трофеи во подем. Од погоре изнесеново може да се заклучи дека за изведување на овој застрел е потребно големо искуство на службите во ловиштето.

Одгледувачкиот застрел може да биде селективен и санитарен. Со селективен застрел се започнува уште во првите години од формирање на популацијата, се отстрануваат несоодветни грла и подеднакво на овој застрел потпаѓаат и машки и женски грла.
Санитарен застрел се применува во случај на појава на заболувања или угинување на поголем број на единки од дивечот од некоја болест со цел спречување на ширење на болеста низ ловиштето и надвор од него.
Сите погоре наведени мерки за подобрување на трофејната вредност кај крупниот дивеч, освен санитарниот застрел, се дадени со број и структура по години во посебната ловностопанска основа секое ловиште посебно.

Аспект на сегашната, новонастаната состојба

Со појавата на африканската свинска чума во соседството, апелирам во никој случај да не се користи новонастанатата ситуација да биде причина за масовен и неконтролиран застрел на дивата свиња поради воведувањето и примената на „превентивни мерки за заштита од оваа болест“. Концесионерите на дивечот во ловиштата да се придржуваат на однапред определениот календар за ловење на дива свиња согласно со Законот за ловството и бројот и структурата на застрел во посебните ловностопански основи за секое ловиште.

Во ловната 2019/20 година пријавен е застрел на околу 2.000 диви свињи, а според мои сознанија застрелот се движи можеби и двојно повеќе, на околу 1.500 застрелани диви свињи земени се мостри и е извршена анализа од појава на болеста Африканска свинска чума. Сите испитани мостри од застреланите диви свињи се негативни, што значи дека во Република Македонија нема појава на Африканска свинска чума и не ми се познати причините зошто е потребно продолжување на ловната сезона. Паниката која владее (кај некои институции) не е причина за доведување во прашање на опстанокот на популацијата на дивата свиња, а со тоа и на другите видови на дивеч под заштита како и уништување на една стопанска гранка. Продолжување на ловната сезона за ловење на дивата свиња негативно ќе се одрази и на останатите видови на дивеч под заштита, пред се срнската дивеч чие живеалиште е на истиот ареал со дивата свиња, а чија популација во последниот стопански период е стабилизирана и во подем, пред се поради нарушување на мирот во ловиштата како еден од основните биоеколошки фактори во ловиштата.

Кога со Решение на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство се скрати ловостојот на дивата свиња за два месеци и се одобри ловење поради следење на здравствената состојба, ценев дека е во ред бидејки беше донесено во согласност со Законот за ловството. Со почетокот на ловостојот во услови кога во државата нема појава на болест Африканска свинска чума кај дивите свињи, нема законски основ да се продолжи ловната сезона бидејки ловостојот е согласно биолошките карактеристики на дивечот. Кај дивата свиња во овој период од годината поголем број од маториците се веќе опрасени односно водат млади додека одреден број се во висок стадиум на бременост пред прасење, период во кој дивечот е најранлив и се доведува во прашање опстанокот на дивата свиња во ловиштата во Република Македонија.

Застрелот на дивеч во никој случај не е превентивна мерка, а од превентивни мерки ќе се задржам на спроведувањето на строги биосигурносни мерки во ловиштата, посебно во ловиштата што гравитираат кон границата со Република Бугарија и Република Србија каде е регистрирана болеста Африканската свинска чума:
– Дезинфекција на обувките, ловечката опрема и возилата пред и после ловот,
– дезинфекција на возилата кои се користат во ловиштата под контрола на стручните лица во ловиштата, посебно за превоз на застрелани диви свињи, пред и после ловот а посебно пред излегување од ловиштата,
– дерење, исцревување и конфекционирање на месото од застреланите диви свињи да се извршува исклучиво на места определени за таа намена и во контрoлирани услови,
– поставување на контејнери или одредување на локации за складирање на отпадоците од застреланите диви свињи (црева, кожи, внатрешни органи и други оптадоци од животинско потекло) за нивно нештетно отстранување,
– строга контрола на неовластено влегување на лица и возила во ловиштата од страна на овластени службени лица на концесионерите на дивечот, дојава до најблиските полициски станици и санкционирање на прекршителите,
– забрана на одлагање на производи и отпадоци од животинско потекло на диви депонии во близина или на површината на ловиштата освен ако има депонии според стандарди каде не можат дивите свиња и други видови диви предатори да влезат на површината на тие депонии.

Концесионерите на дивечот, посебно во наведените погранични простори каде има појава на болеста, мораат да ги информираат ловците нивни членови за сите ризици во врска со болеста Африканската свинска чума и задолжително применување и придржување до сите биосигурносни мерки во ловиштата.

Со правилно стопанисување со популациите на дивите свињи и примена на биосигурносните мерки во ловиштата ќе се намали ризикот за појава на болеста на дивите свињи и пренесување на домашните свињи во фармерското производство.