Економија 13. јануари 2021. / 14:23

Четврт пакет мерки за економијата: Занаетчиите ќе плаќаат помал данок

Четврт пакет мерки за економијата: Занаетчиите ќе плаќаат помал данок

Наместо со 18 проценти, како досега, по новогодишните празници, занаетчиските услуги добија ДДВ од 5 проценти, што значи помалку пари за државната каса, а повеќе за давателите на услугите.

Олеснувањето важи за фризерите, чевларите, крпачите на облека и поправачите на велосипеди, но за муштериите цените останаа исти. Намалувањето на процентот на ДДВ, беше предлог на Занаетчиска комора-Скопје и тој се најде во четвртиот пакет мерки за економијата. Од еснафот не се задоволни со мерката за која велат дека е парцијална и веќе предизвикува незадоволство, поради селективноста.

– Сметаме дека многу малку занаетчиски услуги се опфатени со намалувањето на даночната стапка од 18 на 5 проценти, а решението се однесува на дејности кои не се воопшто ДДВ обврзници. Тоа се: поправка на велосипеди, чевли и производи од кожа, облека и постелнина за домаќинството (вклучувајќи крпење и прекројување) и фризерски услуги. Законското решение, треба да се однесува за занаетчии регистрирани согласно Закон за занаетчиство, а не за претходно наведените бизниси, кои се регистрирани согласно ЗТД, како трговски претпријатија, ДОО или ДООЕЛ, вели за „Слободен печат“, Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиска комора Скопје.

Таа додава дека доколку не се најде решение за намалување на процентот на оданочување и кај другите занаетчиски услуги, тогаш оваа законска измена ќе предизвика само незадоволство во еснафот.

Тие предлагаат во Законот за ДДВ да се додадат и други услужни дејности кај кои ќе се намали даночната стапка од 18 на 5 проценти, затоа што најновото законско решение е практично неприменливо во пракса. Во однос на прашањето за намалување на цените на занаетчиските производи и услуги, за такво нешто нема услови, бидејќи секторот, од март 2020 година, едвај преживува поради намалениот обем на работа.