Министерот за транспорт и врски најавува фокус на проектите за изградба на магистралните гасоводи, паралалелно со што, како што вели, општините ќе работат на проектите за секундарните мрежи.
Пандемијата, порача денеска, ќе ја победиме само со инвестиции.
Тој очекува во текот на летото да биде издадено одбрение за кракот од Неготино до Гевгелија и тендер за изградба до крајот на годината.
-Во делот на гасификацијата имаме доста значаен проект на магистралниот гасовод за којшто веќе имаме проектна документација, студија за заштита на животната срдина и нашите очекувања се дека во текот на летниот период ќе се извади одобрение за градење за да биде распишан и тендерот за изградба некаде до крајот на оваа година за кракот од Неготино до Гевгелија со што ова ќе биде уште еден чекор кон поврзување со интерконекторот со Грција, изјави Бочварски при увидот на работите за изградба на социјална зграда во Гевгелија.
Во текот на наредниот период, дополни Бочварски, секако општините ќе работат и на проектирање и на секундарните мрежи, но наша обврска е да ги решаваме магистралните гасоводи како Министерство и преку Национални енергетски ресурси заедно да ги отстрануваме сите прашања.
-За мене многу е значајно што во текот на оваа година ќе завршат и изградбите на двата крака кон Битола и кон Гостивар и ќе се фоксуираме и на останатите значајни проекти во делот на магистралните гасоводи низ државата.Продолжуваме со работа активно. Пандемијата ќе ја победиме само со инвестиции, со реализација на многу капитални и значајни објекти за граѓаните и за државата, рече Бочварски.