Економија 15. февруари 2021. / 21:45

Бочварски и Макрадули се сретнаа за да кажат дека Пошта воведува нови услуги на пазарот

Бочварски и Макрадули се сретнаа за да кажат дека Пошта воведува нови услуги на пазарот

Подобрувањето на технолошкиот процес, нова ценовна политика и поволни услови за корисиниците на поштенските услуги, се дел од темите на кои разговарале на денешната средба министерот за транспорт и врски Благој Бочварски  и генералниот директор на АД Пошти на С. Македонија, Јани Макрадули.

Од Министерсвото за транспорт и врски информираат дека на средбата се разговарало за активности во работењето на поштата, како и за новите услуги што претпријатието ги воведува. На средбата, како што посочуваат, посебно е истакната воведување на платформата е-трговија, алатка на која ќе се темели идното работење на АД Пошти.

– Особено се потенцира дека во перидот што следи, фокус на работењето ќе биде подобрување на технолошкиот процес, нова ценовна политика и поволни услови за корисниците на поштенските услуги. Генералниот директор Јани Макрадули, истака дека подобрувањето на работењето се прави користејќи нови современи дигитални алатки, соработка со Поштите од регионот, намалување на непродуктивноста и соодветна прераспределба на тековно расположивиот човечки кадар, се наведува во соопштението на Министерството.

Министерот Бочварски изразил целосна поддршка во имплементација на новите услуги.

– Денешната средба со директорот беше значајна бидејќи разговаравме за новите предизвици што следат на пазарот на поштенски услуги. Многу е важно Пошта да понуди нови конкурентски услуги на пазарот. Ја изразив мојата целосна подготвеност да дадеме поддршка за сите процеси и услуги што ќе ги воведува во следниот период, истакнал Бочварски.