Изградбата на железничката пруга Куманово-Бељаковце, е прекината, и тоа е главната причина што е слаба реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски, изјави на денешната прес конференција новиот министер Благој Бочварски.
„Направив првично скенирање на состојбите. Потфрлањата се на железничкиот Коридор 8, односно пругата Куманово-Бељаковце. Но, има висока реализација кај станбените згради и гасификацијата. Ќе се отстранат сите изместувања на трасата и реализацијата кај двата крака од гасификацијата брзо ќе продолжат“, вели Бочварски.
Заради слабата реализација на пругата Куманово-Бељаковце, односно кај Коридорот 8, таму и ќе бидат најголемите кратења со ребалансот на буџетот, за кој подетални информации ќе има на крајот на овој месец.
„Тука има застој, дел од средствата не се реализирани. Таму имаме проблем со изведувачот, пред да дојдам во Министерството за транспорт имаш испратено допис со кој изведувачот бара раскинување на договорот и случајот ќе оди на арбитража“, рече Бочварски.
Додека, пак, како што додаде министерот, кај ремонтите на железницата на Коридор 10 е добра реализацијата.
Како што неодамна јавија дел од медиумите, изградбата на пругата Куманово-Бељаковце е прекината на барање на германскиот изведувач „Вибе“.
Државата ќе мора да бара нов изведувач за довршување на првата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија, како и изготвувач на нова техничка документација за железничката делница долга 30,8 километри.
Изградбата на пругата Куманово-Бељаковце започна во март 2014 година, со првично ветување на тогашната влада дека проектот ќе биде изведен во рок од две години.