Проекцијата за економски раст од 4.2% догодина нема шанси да се оствари, зошто кога има избори економијата е заложник на политиката, алармираат стопанствениците. Штетите ќе бидат огромни оти тендерите се замрзнуваат, нема нови вработувања, а инвестициите чекаат подобри времиња.
Дел од јавноста е загрижена дека Владата ќе го искористи вакуум периодот до профункционирањето на техничката Влада да усвои предизборен буџет, преполн со популистички мерки за купување гласови. Повисоки плати бараат административците, полицајците, наставниците, професорите, лекарите. Премиерот Заев најави и пораст на пензиите, првпат по 3 години.
Се најавија и низа економски мерки, како покачувањето на минимална плата, субвенции за зголемување на плата од 600 до 6000 денари, за кои надлежните институции велат дека можат да се реализираат доколку има политичка волја. Собранието, по формирање на техничката влада, според Законот ќе работи непречено во носењето на закони.
„Согласно член 66 став 1 од Уставот на Р. Македонија, Собранието е во постојано заседание така да и во периодот на формирањето на техничка влада или т.н. пржинска Влада, собранието функционира. Сметам дека и во тој период согласно Изборниот законик, член 15, во период помеѓу 60 и 90 дена кога е распуштањето на Собранието, собранието работи во насока на одржување на кондицијата на државата“, рече Никола Мицевски – пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
Од Стопанската комора на Македонија ги повикаа политичарите да ги доекипираат тимовите за преговарање и покрај тоа што земјава не доби датум за преговори. Од Комората на северозападна Македонија пак го критикуваат и одложувањето на пописот, бидејќи со години немаат информации од пребројувањето на населението, кои пак се клучни за планирање на идните активности.