Од Сојузот на стопански комори очекуваат од новиот економскиот тим на Владата како приоритет во активностите да донесе мерки за спас и одржување на економијата, со оглед на тоа што кризата трае во континуитет веќе шест месеци
Итни мерки за спас на економијата очекуваат стопанствениците од новата влада, чиј избор е најавен на утрешната седница на Собранието. Очекувањата дека корона кризата ќе заврши во текот на летото се покажаа нереални, многу земји се подготвуваат за втор бран есенва, што сигурно ќе има и економски последици со оглед на бројните рестрикции за движење на луѓето, но и поради отежнатите економски текови. Мерките кои ги донесе техничката влада, пред се за поддршка за исплата на минималната плата во износ по 14.500 денари по вработен се веќе завршени.
Стопанствениците алармираат дека покрај отсуството на поддршка за зачувување на работните места, се поголем проблем со кој се соочуваат компаниите е одржување на ликвидноста.
Од асоцијациите на стопанствениците укажуваат дека е неопходна помош и за реалниот сектор, каде што како последица од корона кризата се загрозени многу бизниси и работни места.
Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија вели дека ССК очекува од новиот економскиот тим на Владата како приоритет во активностите да донесе мерки за спас и одржување на економијата, со оглед на тоа што кризата трае во континуитет веќе шест месеци.
Состојбата во која се наоѓаат претпријатијата е незавидна, имајќи предвид дека последната помош која што ја имаа за зачувување на работните места заврши заклучно со месец јуни. Веќе втор месец нема никаква помош и поддршка за зачувување на работните места, а уште поголем проблем којшто се јавува и за кој алармиравме се големите потешкотии на оние кои работат во реалната економија во делот на одржување на ликвидноста. Токму затоа, приоритет треба да биде одржување на ликвидноста за сервисирање на основните трошоци и плати, како понатаму би можело да се работи на фаза на опоравување. Очекуваме соработка со деловната заедница и максимална посветеност за да не дозволи македонската економијата да стагнира и уште подлабоко да завлезе во рецесија, вели Арсовска за Независен.
Стопанствениците исто така укажуваат дека и покрај тоа што поддршката за економијата беше планирана на околу 550 милиони евра, до сега се исплатени вкупно околу 70 милиони, вклучувајќи ги и ваучерите за граѓаните. Тоа, според нивните укажувања е малку и на стопанството му е потребна многу поголема поддршка за да може да се преброди кризата.