Економија

Бизнис заедницата го поздрави одложувањето на прогресивните даноци

Бизнис заедницата го поздрави одложувањето на прогресивните даноци

Четирите стопански комори во државава испратија официјален допис до Министерството за финансии со што го поздравија одложувањето на најавената даночна реформа за прогресивно оданочување.

– Доколку прогресивното оданочување се реализира, во моментов би имало негативни последици врз целата бизнис заедница, покажа неодамнешното истражувањето на 546 домашни претпријатија што го спроведоа Стопанската комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.

Од коморите побараа реформата за прогресивно оданочување да се одложи за најмалку пет години во кој период е неопходно да се направат широки консултации со бизнис заедницата.

Во заеднички документ наведуваат дека позитивниот ефект од воведување на прогресија кај персоналниот данок на доход преку зголемување на буџетски приходи во овој момент ќе биде далеку помал отколку негативните ефекти кои ќе се рефлектираат на вкупното бизнис опкружување.

Според коморите, критиките за рамниот данок дека не придонесува за праведност во оданочувањето е недоволен аргумент за негово заменување со прогресивен данок во овој момент и треба да се имаат во предвид и другите позитивни аргументи кои одат во прилог на рамниот данок. Зголемувањето на стапките, според анализата, по автоматизам ќе значи праќање негативен сигнал како кај домашните, така и кај странските инвеститори.

– Во овој момент, сметаме дека прагот за кој даночните обврзници се спремни да ги плаќаат даноците е прилично низок и зголемување на стапките ќе предизвика дестимулирачки ефект во економијатаили со други зборови ќе ја поттикне даночната евазија. Подобро е со постоечките механизми да се поттикнат економските оператори да не прават затајување на данок, односно да ги плаќаат сите даноци, наместо да манипулираат со средствата, се наведува во анализата.

Заедничката активност на коморите е дел од проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ финансиран од УСАИД а имплементиран од ЕПИ ЦЕНТАР Интернешнл.