Деловно-технолошки акцелератор „УКИМ“ ДОО Скопје, „СЕАВУС“- едукативен и развоен центар и Друштвото за деловна, техничка поддршка и едукација „ИКС Фактор“ денес добија вкупно 1,5 милион евра од Фондот за иновации за формирање бизнис акцелератори за млади. Добитниците на финансиската помош добија обврска да вложат во проектите половина милион евра, сопствени средства.
Бизнис акцелераторите треба да им помогнат на младите луѓе кои поседуваат креативни бизнис планови, да им понудат можност и поддршка за развој на конкретни бизниси и старт ап компании кои ќе носат профит и ќе учествуваат во развојот на македонската економија.
Откако го потпиша договорот, Весна Ивановска, генерален менаџер во Сивус едукативен и развоен центар, една од трите компании која доби помош за формирање бизнис акцелератор, очекува овој проект да има голем социјален импакт.
„Овој проект ќе ги охрабри младите бизниси во Македонија, токму во овој момент кога највеќе им треба тоа. Фасцинатноста на новите иновативни бизниси всушност е во тоа дека може да растат многу брзо, да се лансираат многу брзо, но само ако имаат добра и квалитетна поддршка зад себе“, рече Ивановска и ја покани македонската старт ап заедница да дојде кај нив и да им биде партнер.
Потпишувањето на договорите го следеше премиерот Зоран Заев кој рече дека ваквите проекти го покажуваат настојувањето на Владата на Република Македонија за достигнување на европските стандарди на работа со што се создаваат реални бизнис можности за младите да работат и градат иднина дома во својата земја.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, рече дека ова е само една од мерките на Владата за поддршка на стопанството.
„Јас им предлагам, препорачувам и сугерирам на сите млади луѓе во земјава да ја искористат оваа шанса и во рамките на акцелераторите да аплицираат да формираат своја фирма, бидејќи многу е важно дека не само финансиски што ќе бидат поддржани, не само што ќе бидат поддржани со простор и опрема каде што ќе можат да формираат својата фирма, туку ќе бидат поддржани и со знаење, „knowhow“ од областа на менаџментот како своите фирми да ги водат, да ги управуваат и со самото тоа да станат успешни“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Директорот на Светската Банка за Македонија и за Косово, Марко Мантованели , од каде е обезбедена помошта за бизнис акцелераторите, рече дека со овој проект Македонија станува дел од успешните светски приказни и модели.
Директорот пак на Фондот за иновации, кој денес ги потпишуваше договорите, најави дека во наредните недели, Фондот ќе отвори нов повик за финансирање стартапи.