Економија 02. октомври 2020. / 12:30

Битиќи пред бизнис заедницата од Кисела Вода ги претстави новите економски мерки

Битиќи пред бизнис заедницата од Кисела Вода ги претстави новите економски мерки

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи вчера на седница на Советот на стопанствениците од Општина Кисела Вода, ги посочи новите пакет економски мерки за ревитализација на економијата во услови на пандемија.

Како што информираат од Општината, на седницата Битиќи заедно со градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски и претседателот на Советот на стопанственици од Кисела Вода, Борис Хрисафов дискутирале на сите теми кои можат да го подобрат работењето на општината.

Битиќи ги појаснил пакетот економски мерки, а зборувал и за актуелната економска состојба во државата, но и за преземените мерки од страна на Владата, кои имаат за цел подобрување на бизнис климата.

 Заменик претседателот на Владата за економски прашања ги посочи новите пакет економски мерки за ревитализација на економијата во услови на пандемија, за пакетот економски мерки кои се резултат на она што бизнис заедницата го истакнува како своја потреба. Во своето излагање, тој посебно се задржа на поволните кредитни линии кои Владата ги обезбедува, како и на олеснување на процедурите до истите, наведувајќи го примерот за нова кредитна линија наменета за стопанството, а обезбедена од Владата преку Европската банка за обнова и развој, се наведува во соопштението на Општината.

Оттаму посочуваат дека на состанокот, претставниците на бизнис секторот на нивните прашања ги добиле сите потребни одговори, а имале и можност пред Битиќи да даваат предлози за ублажување на економските последици кои се настанати поради пандемијата со вирусот Ковид-19.

 Општина Кисела Вода и во иднина ќе продолжи да соработува со бизнис заедницата, и воедно и благодари за опшествената одговорност, која досега ја има покажано во општината. За одржувањето на седницата во дворот на компанијата Цементарница УСЈЕ АД, Општината упатува голема благодарност до нејзниот главен извршен директор, Борис Хрисафов, соопштија општинските власти