Економија 20. ноември 2020. / 14:12

Битиќи: Еуроникел Индустри бележи растечко производство и во време на ковид криза

Битиќи: Еуроникел Индустри бележи растечко производство и во време на ковид криза

Фабриката за преработка на никел-руда во Кавадарци, „Еуроникел Индустри“, и оваа година и покрај економската криза во целиот свет, успеал да го одржи речиси на исто ниво и производството, и извозот, и бројот на вработени.

Ова денеска го истакна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој беше во посета на комбинатот.

– И покрај економската криза оваа компанија успеа да го одржи истото ниво на производство, извоз и број на вработени. Тоа е добро за локалната економија, за сите вработени, но и генерално за економијата на Македонија, посебно во ова време на светска ковид криза, истакна Битиќи.

Посетата на кавадаречкиот комбинат за фероникел беше во насока на информирање за поддршка на компаниите за полесно справување со последиците во време на пандемија. Во текот на посетата, вицепремиерот Битиќи беше запознаен со тековните процеси во комбинатот, постигнатите производни резултати, како и резултатите од досегашните инвестиции и идните инвестициските планови. Менаџерскиот тим го запозна и со безбедносните протоколи и максималната заштита на вработените при континуирано спроведување на производниот процес.