Економија 05. март 2021. / 14:08

Битиќи: Домаќинското работење и вистинската грижа заштедуваат 82,25 милиони евра пари на граѓаните

Битиќи: Домаќинското работење и вистинската грижа заштедуваат 82,25 милиони евра пари на граѓаните

Оваа Влада води конзистентни економски политики, преку преземање паметни чекори, со посебно внимание секој потрошен денар на граѓаните да се троши домаќински. Тоа го потврдија и сите релевантни меѓународни финансиски институции, кои го потврдија нашиот кредитен рејтинг, што резултираше со емитување на најевтината евро обврзница досега, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи во видео обраќање.

Според него, бројките не лажат, а грижата се покажува на дело.

–Само за потсетување и споредба: Во 2014 година ВМРО – ДПМНЕ ја задолжи државата со еврообврзница од 500 милиони евра, со каматна стапка од 3,975 отсто, за кои во овие 7 години, од парите на граѓаните, беа платени камати во вкупен износ од 139,1 милиони евра. Оваа последна еврообврзница е со повеќе од половина пониска каматна стапка, или домаќинското работење заштедува 82,25 милиони евра во камати, пари на граѓаните, наведува Битиќи.

Според него, овие 82 милиона евра, пари на граѓаните, ќе беа доволни да се изградат уште седум модерни училишта како новоизграденото ОУ „Киро Глигоров“, како и уште 42 градинки, како „Јаболче“ во Ресен.

– Овие 82 милиона евра ваши пари ќе беа доволни за 320 километри канализација, за 160 километри примарна водоводна мрежа низ државата или тоа се средства кои ги покриваат годишните трансфери за социјална помош за 45.000 домаќинства. Ова е разликата, како умно и продуктивно се трошат и вложуваат парите на граѓаните. Остануваме посветени во креирањето на стабилна и одржлива домашна економија, наведува Битиќи.