Економија 02. септември 2019. / 14:53

Било недоразбирање: Висината на минималната плата нема да е 15.500 денари

Било недоразбирање: Висината на минималната плата нема да е 15.500 денари

По лавината реакции што се појавија во јавноста по информациите дека министерот за економија Крешник Бектеши најавил дека тој ќе порасне на 15.500 од владата денеска уверуваат дека станува збор за недоразбирање, пренесе Канал5.

– Покачувањето на минималната плата е предвидено, но висината не е се уште утврдена бидејќи во тек се консултации со коморите и работодавачите. – е денешниот став на Бектеши, лиферуван од Владата.

И додека се чека одлуката за минималецот, она што е познато, а треба да се реализира со прекројувањето на државната каса следниот месец, е мерката за субвенции на придонесите за покачувањето на платите во приватниот сектор до 100 евра.. Веќе е дефинирано дека работодавачите ќе треба да плаќаат само персоналец, а останатите давачки ќе бидат на товар на државата. За оваа мерка, премиерот Зоран Заев викендов од собраниска говорница најави дека се планирани околу 40 милиони евра.

Парите веќе се предвидени во ребалансот, најави и новата министерка за финансии Нина Ангеловска во нејзиното прво интервју дадено за државната МИА.

– Она што сега можам да ви кажам е дека пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средни компании и воопшто компании да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите. – вели Ангеловска.

За Ангеловска денеска е првиот работен ден на функцијата министер за финансии. Министерката уверува дека ќе вложува во проекти за намалување на невработеноста и раст на платите. Таа доаѓа од приватниот сектор, и е првата жена која застанала на оваа функција.