Економија 13. февруари 2021. / 12:18

Бектеши: Пописот нуди важни и опширни податоци за институциите во државата

Бектеши: Пописот нуди важни и опширни податоци за институциите во државата

Колку побрзо ќе се реализира пописот, толку подобро ќе биде за економијата и за државата, зашто при креирање на различни мерки и политики многу е важно да се знае бројот на населението и бројот на домаќинства, како и другите бројки кои се предвидени согласно Законот за попис, порача министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за МИА.

– Тоа е многу важна статистичка операција што нуди многу важни и опширни податоци со кои ќе располагаат институциите во државата. Податоците од пописот ќе им помогнат на различните институции како да ги насочат средствата од буџетот таму каде што има најголема потреба. За нас е многу важно да знаеме колку резиденти има во различни региони, бидејќи тие повеќе од девет месеци живеат и работат во тие региони, за да знаеме на каков начин да го распределиме буџетот за да не се развива само еден регион, туку сите подеднакво, потенцира Бектеши.

Според него, нема потреба да има политизација на пописот.

– Убеден сум дека нема да се политизира пописот во нашата држава и дека Заводот за статистика има искуство да спроведе ваква операција. Треба да ги оставиме да ги спроведат најдобрите европски практики и да им оставиме на професионалците да ја завршат нивната работа, а нашата работа ќе почне откако ќе ги добиеме резултатите, посочи министерот за економија.

Врз основа на тие резултати и бројки што ќе произлезат од пописот, потенцира, ќе треба да креираме соодветни политики кои ќе бидат издржани и на тој начин да им излеземе во пресрет на граѓаните и на економијата во целост. в