Македонија се ангажираше и финансиски и со испраќање спасувачки екипи за да помогне за санирање на последиците од разорниот земјотрес во Албанија, а истовремено е подготвена со сите средства да помогне во обновата на земјата, истакна македонскиот министер за економија, Крешник Бектеши, кој се обрати на регионалниот Самит за туризам „Туризам за солидарност и одржливост“ во Тирана.
Главна тема на самитот, што е во организација на Министерството за туризам и животна средина на Албанија и на Светската туристичка организација на Обединетите нации е да се даде поддршка за обновата на подрачјата погодени од земјотресот што ја зафати Албанија, а исто така да се даде и поддршка на туризмот во оваа земја.
– На 26 ноември и Албанија се соочи со голем разорен земјотрес што направи не само голема материјална штета, туку и загуба на човечки животи. Нашата држава е држава на солидарност. Скопјани уште живо се сеќаваат на катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Тогаш клучна беше помошта која стигна од сите страни од светот и од сите нации од светот и го изградивме повторно главниот град – потенцира Бектеши.
Министерот потсети дека веднаш по катастрофалниот земјотрес во Албанија, македонската влада веднаш донесе одлука и упати финансиска помош и тимови од 50 луѓе за спасување и прва помош за граѓаните во настраданите подрачја.
– Овие природни катастрофи остануваат врежани и оставаат голем печат не само кај жителите, туку и на цели градови, подрачја и региони. Природните катастрофи кои сега ги има многу повеќе од порано, сериозно му штетат на развојот на туризмот во светски рамки. Според Светскиот економски форум, туристичката индустрија учествува со 9,8 отсто од глобалниот БДП, поддржува 277 милиони работни места ширум светот и претставува 6 отсто од глобалниот извоз. Покрај тоа, индустријата има потенцијал за понатамошен раст, oд сегашните 1,1 милијарди меѓународни туристички посети да достигнат 1,8 милијарди до 2030 година. Но, во изминатите неколку години, влијанието на природните непогоди врз туризмот, а со тоа и врз светската економија е се поголемо.Природните непогоди не можат да се спречат, освен ако не ги решиме нашите еколошки проблеми – образложи Бектеши.
Тој потенцира и дека е многу важно за туристичката индустрија во светот секогаш да се има предвид опасноста дека може да се случи природна непогода и на тој начин да обезбеди одржливост на бизнисот.
Министерот Бектеши подвлече дека сега следува период на обнова во Албанија за која допрва ќе биде потребна голема помош и поддршка не само од регинот, туку и од целиот свет.
– Сакам да го искористам овој Самит и овој денешен настан да ги повикам сите земји во светот да помогнат во обнова на подрачјата кои беа погодени од разорниот земјотрес во Албанија. Исто како што пред пред скоро 60 години помогнаа да се изгради повторно Скопје. Ние ќе продолжиме со сите можни средства да и стоиме на располагање на Албанија со цел да ја преброди катастрофата што и се случи – истакна Бектеши.
Министерот за туризам и екологија на Албанија, Бленди Клоси во своето обраќање им се заблагодари на сите за поддршката која и ја дале на земјата во земјотресите кои што се случија на 26 ноември минатата година.
– Опстојувањето во вакви природни непогоди и солидарноста е пракса која би сакале да ја споделиме со вас на овој Самит и да укажеме дека туризмот како индустрија е главниот столб на економијата, и не само тоа туку и на хуманоста и менаџирањто со кризи, а тоа го покажува присуството на 12 делегации кои денеска се тука, како никогаш порано за една заедничка цел – изјави Клоси.
Првиот човек на Светската туристичка организација Зураб Пололикашвили во своето видеообраќање пред присутните гости порача дека политичката поддршка ее клучна за успех во туризмот.
– Денешниот Самит е клуч во опоравувањето на албанскиот туризам и верувам дека туристичкиот сектор во Албанија е подготвен за тоа- истакна Пололикашвили.