Економија 12. февруари 2021. / 16:38

Бектеши: Петтиот сет економски мерки ќе бидат презентирани во наредните денови

Бектеши: Петтиот сет економски мерки ќе бидат презентирани во наредните денови

Во петтиот сет на економски мерки ќе продолжи мерката за финансиска поддршка на платите согласно методологијата и механизмите кои беа предвидени во четвртиот сет, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во видео интервју за МИА, што утре ќе биде објавено во целост.

Тој посочи дека истовремено ќе има и механизам за бескаматни кредити кои ќе бидат спроведени преку Развојната банка за таргетирани дејности.

Министерот рече дека се при крај со подготовката и дизајнирањето на петтиот сет економски мерки и во текот на наредните денови, како што рече, ќе бидат презентирани од страна на претседателот на Владата и економскиот тим.

-Мерките се дизајнирани во согласност и со дијалог со стопанските комори, работодавачите, работниците и синдикатите. Веќе се разговарани во детали и очекуваме наскоро да почнат да се реализираат, истакна Бектеши и додаде дека за дел од мерките е неопходно и донесување законски решенија од страна на Собранието.

Февруари, потенцира, е клучен месец за носење на мерките и за завршување на сите процедури за да почне нивната реализација и во првата половина на март да имаат можност сите компании да аплицираат за различните мерки.

Во интервјуто министерот за економија ги коментира ставовите на опозицијата во врска со мерките од петтиот пакет, а говори и за законските измени за недела неработен ден, состојбата на економијата, објавувањето на јавните повици за кои е надлежно Министерството за економија, пописот, локалните избори и подготвеноста на ДУИ за изборниот процес.