Владата разговара и со приватни компании или такви во кои Владата има дел од сопственоста за да може и тие да се вклучат и да ги простат каматите на граѓаните должници, вели во интервју за МИА, министерот за економија Крешник Бектеши.
Инаку мерката која беше најавена како дел од петтиот паркет мерки требаше да важи само за јавните претпријатија кои работат во склоп на општините и кај оние јавни претпријатија во кои 100 отсто е сопственик Владата. Ќе важи за сметките за вода, комуналии и другите сметки кои директно се плаќаат од страна на граѓаните кон јавните претпријатија на централно или на локално ниво.
-Во моментов разговараме и со други приватни компании за да можеме да обезбедиме некакви олеснителни околности во насока на бришење на одредени камати, но тоа Владата не може да го спроведе кај приватни компании или, пак, кај компании кои над 50 отсто се во сопственост на приватни лица иако Владата може да има одредена малцинска сопственост или процент во одредени компании.
Во првата фаза така ќе почнеме, а така одлучивме, бидејќи имаме информации од анализите што ги направивме дека одредени семејства и граѓани речиси имаат поголем долг врз основа на заостанати камати отколку што им е главницата на долгот и тоа го префрлуваат на наредните генерации. Затоа сакаме еднаш засекогаш да ги избришеме долговите врз основа на камати, а дополнително да им дадеме можност на граѓаните на 12 месеци да го репрограмираат основниот долг што е постар од три месеци, вели Бектеши.