До 15. септември, Снабдување со топлина Балкан Енерџи (БЕГ) нуди можност за бесплатно приклучување во системот за топлинска енергија, продолжувајќи ја акцијата за бесплатен приклучок од претходните грејни сезони.
Акцијата за приклучување ќе биде спроведена по принципот „прв пријавен, прв услужен“, а ќе важи за сите заинтересирани корисници кои имаат техничка можност, но не се приклучени на системот за толинска енергија.
Во минатогодишната акција од сличен карактер, можноста за бесплатно приклучување ја искористија речиси 3000 корисници, а со новото намалување на цената на топлинската енергија за новата грејна сезона од 3,1 отсто, од БЕГ очекуваат интересот за приклучување на системот на централно греење со топлинска енергија да се зголеми.
За да ја искористат можноста за бесплатно приклучување, заинтересираните потрошувачи треба што поскоро, а најдоцна до 15-ти септември, да поднесат писмено барање за приклучување во некој од наплатните центри на Снабдување со топлина Балкан енерџи. За да се информираат за постапката за приклучување, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на БЕГ, на телефонскиот број 02/3076-200.