Економија 27. април 2020. / 13:32

Азески: Почнуваат големите проблеми за бизнисот

Азески: Почнуваат големите проблеми за бизнисот

„Почнуваат големите проблеми за бизнисот“, вака е насловена денешната порака на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во која тој прави куса анализа и најавува нов пресек на состојбите врз основа на кој до Владата ќе биде изнесен ставот – како приватниот сектор гледа на помошта што треба да ја добие од државата.

Азески во пораката објавена на сајтот на комората, пишува дека според информациите кои секојдневно стигнуваат од компаниите, прашањето за ликвидноста прво ќе затропа, веќе кон средината на наредниот месец, а речиси е сигурно дека почетокот на јуни ќе биде дочекан со проблеми во извозот зашто сега нарачките се сведени на минимум што значи дека третиот квартал од годината може да биде катастрофално лош.

-Интензивните контакти што секојдневно се одвиваат на релација компании – Стопанска комора на Македонија, многу отворено зборуваат дека се наоѓаме пред портите на големите проблеми кои ни претстојат. Од нас се бара енергична реакција во правец на реално информирање на Владата за моменталната состојба и очекуваме адекватен одговор за поддршка на компаниите во однос на така констатираните проблеми. Според наши сознанија, на почетокот на јуни ќе има проблеми металопреработувачката индустрија, а од јули и останатите гранки. Се најавуваат и проблеми при увозот, со оглед на актуелната ситуација и кај добавувачите, пишува Азески.

Воедно ифнормира дека раководството на Стопанската комора одлучи во текот на оваа недела да направи пресек на состојбата меѓу членките и врз основа на тој пресек до Владата да го изнесе ставот – како гледа на помошта што треба да ја добие приватниот сектор.

-Од Владата очекуваме на едноставен и прецизен начин да изнесе со колку средства, во кои рокови и кои дејности ќе бидат поддржани. Исто така, јавно ќе соопштиме дека сме подготвени по завршувањето на кризата да партиципираме во враќање на средствата назад во државниот буџет. Ние успеавме јавно да ги наметнеме сите прашања кои ја мачат македонската економија, сите прашања кои долго време беа запоставувани, сите прашања кои можат да го најдат патот кон остварување на клучните цели – владеење на правото, елиминирање на корупцијата, целосна рационализација на сите субјекти во државата. Понатаму, ќе се сконцентрираме на главните барања за итна финансиска поддршка без големи администрирања и комплицирања, насочена спрема оние дејности и гранки што можат да ја рестартираат економијата после завршувањето на здравствената криза, наведува Азески.