Економија 18. март 2020. / 19:12

Арсовска: Фирмите мака мачат, мерките се носени на показатели од минатиот месец

Арсовска: Фирмите мака мачат, мерките се носени на показатели од минатиот месец

Владата утрово објави сет мерки, за ублажување на последиците од корона вирусот, меѓу кои се и бескаматни кредити за погодените сектори и ослободување од 50 отсто од придонесите. Но, според претседателката на ССК, Данела Арсовска кредититирањето ќе помогне, но не многу значајно, а ослободувањето од придонесите нема да има голем ефект затоа што и така компаниите немаат приходи, па нема да можат да исплатуваат плати.

-Немаат за плати, немаат приходи, не се во добра состојба фирмите. Почнаа да одјавуваат работници, а работниците нема каде да одат. Дури не може ни да се иселат како што беше тоа досега. Донесените мерки се добри, но можеби вакви требаше да се донесат пред две недели. Сега треба да се подлабоки и да ја следат реалната ситуација, вели Арсовска за Фактор.

Според неа мерките се носени на показатели од минатиот месец, што ги прави нецелосни затоа што ситуацијата се менува секојдневно. ССК бараше одложување на кредитните рати за три месеци со можност за одложување за уште три месеци и УЈП да не санкционира три месеци ако не се платат дел од даноците и обврските кои ги имаат фирмите.

Владата објави денеска дека се обезбедени вкупно 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот.

Ќе се субвенционираат и придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените.