Приходите, како што рече министерката за финансии, се планирани на ниво 3,2 милијарди евра и се помали за 11,5 отсто или за 25,5 милијарди денари во однос на планот
Изменетиот буџет за 2020 година, што го донесе Владата на вчерашната седница, „тежи“ 3,95 милијарди евра и е за 1,4 отсто поголем во однос на иницијалниот буџет за годинава, соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска.
Приходите, како што рече, со ребалансот се планирани на ниво 3,2 милијарди евра и се помали за 11,5 отсто или за 25,5 милијарди денари (414,6 милиони евра) во однос на планот.
Дефицитот е позициониран на 6,8 отсто од БДП, што, како што рече, е во линија на проекциите на Европската комисија.
Ребалансот е за опоравување и рестарт на економијата во услови на ковид-19, а целта е реално да се прикажат очекувањата како резултат на здравствениот и економски шок предизвикан од ковид-19“, рече министерката.
Со ребалансот на буџетот нема никакви дополнителни промени на ставката за финансирање на политичките партии.
Со одлуката за прераспределбаомеѓу буџетските корисници и фондовите, која беше усвоена пред еден месец, имаше кратење на ставката за финансирање на политичките партии и таа ставка сега со ребалансот на буџетот нема претрпено никаква промена. Во моментов, на таа ставка во таа програма има околу 106 милиони денари во рамки на Министерството за правда, рече Ангеловска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.